Ашковски блесна, тренерот призна: Цела година се „тепав“ за да го донесам Македонецот!

Поранешниот голем вардаров талент, кој уште како неполнолетен замина во белградски Партизан, па дотурка и до сениорски репрезентативец, Стефан Ашковски после една просечна година во Бугарија, повторно блесна, постигнувајќи два гола за да обезбеди бод за романски Ботосани во синоќешниот меч со Виторул (2-2).

Пред две години, Ашковски блескаше во холандска Фортуна Ситард, се изнадава голови во втората лига и клубот го однесе во елитната Ередивизија, но не доби нов договор за да се испроба во најсилната лига во земјата на „тоталниот фудбал“, па имаше авантура во Славија Софија, пред да дојде летово во Ботосани. После пет кола, Ашковски има супер статистика – три гола и две асистенции.

„Цела година се 'тепав' за да го донесам Стефан. Знам какви квалитети има и еве сето тоа сега на дело се покажува“, призна после синоќешниот меч тренерот на Ботосани, Мариуш Кроитору.

Ашковски со добриот старт на сезоната се наметнува како потенцијален репрезентативец, кој селекторот Игор Ангеловски засега треба да го следи, особено што добредојдена би била конкуренцијата на левата страна во „затворениот список“ на националниот тим во изминативе две години. Ашковски беше лев бек, кој подоцна стана и лево крило, нешто слично како Егзијан Алиоски, кој во Лугано со новата позиција експлодира, а сега во Лидс игра(ше) на двете позиции.

„Ова е многу важно за мене, ама и за тимот. Одиме од меч во меч, чекор по чекор да освојуваме бод(ови). Имаме извонреден тим, имаме самодоверба и тимот е како едно семејство. Дури и заслуживме повеќе од бод синоќа. Но, среќни сме и со ова. Јас сакам да им заблагодарам на соиграчите за прекрасната вечер. Без нив два гола немаше да дадам сигурно“, рече Ашковски после бравурозната ноќ.

На неполн месец пред новите два квалификациски мечеви Ашковски се наметнува за враќање во националниот тим, а останува на селекторот Ангеловски дали ќе му даде шанса, особено ако продолжи 27-годишниот фудбалер во ист стил како што ја започна сезоната.