Аријан Адеми избран за седми најдобар фудбалер во последните 50 години во Хрватска!

Македоскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб заврши како седми најдобар фудбалер во последните 50 години во историјата на хрватскиот фудбал, во безмалку едномесечното гласање кое го спроведе најугледниот весник во земјата на светскиот вицепрвак, „Вечерњи лист“.

Адеми кој ги урна сите рекорди во дресот на „модрите“ и е долгогодишен капитен на тимот, иако имаше и двегодишна пауза поради допинг, беше номиниран меѓу 50-те најголеми фудбалери во изминатиов пола век, па убедливо ги мина првите два филтери во гласањето за да влезе во „топ десет“, а на последното гласање, читателите го избраа како четврти најдобар со 8,8 отсто од вкупниот број на гласови, додека во гласањето на спортската редакција на „Вечерњи лист“ заврши на десетото место, па на вкупниот поредок Адеми се најде на седмото место.

Зад него останаа Иван Гудељ, легендарниот Велимир Зајец и Ален Бокшиќ. Убедливо најдобар фудбалер во Хрватска во последните 50 години е Лука Модриќ, најдобриот светски фудбалер за 2018 година, втор е Давор Шукер, а трет Роберт Просинечки. Пред Адеми завршија и Зонимир Бобан, Марио Манџукиќ и Иван Ракитиќ.

Адеми во минатата недела изјави дека самата номинација меѓу 50-те најголеми фудбалери во Хрватска е една голема чест со самото тоа што е меѓу фудбалските великани.

Тој од 2015 година е дел од македонската репрезентација со која играше на Еуро 2020, а сега го очекува мундијалски бараж во март, а претходно беше младински репрезентативец на Хрватска и имаше три настапи на пријателски мечеви за „коцкестите“ пред да прифати да игра за Македонија.