
Адеми замина од Динамо, продолжува во Унгарија!
Нов клуб на Адеми ќе биде унгарскиот прволигаш, Ујпешт кој го води поранешен тренер на Динамо, Дамир Крзнар.
По Ристовски, Петковиќ и Пјаца, Адеми е четвртиот искусен играч кој го напушта Динамо Загреб. Хрватскиот клуб по загубената титула реши да прави сериозен ремонт.
Наводно Адеми имал разговор со Звонимир Бобан кој сакал македонскиот фудбалер да остане во Динамо Загреб, но неговата улога во „новиот“ Динамо би била значително помала, а не се изнаигра ниту во минатата сезона.
Адеми кој е најтрофеен играч во историјата на Динамо, сака да одигра уште сезона-две на високо ниво, а потоа можеби ќе се врати во Динамо Загреб на функција во клубот.
Ујпешт, каде треба да се пресели Адеми, минатата сезона водеше борба за опстанок, но на крајот успеа да стигне до седмото место.