Адеми со убав гол ја најави победата на Динамо и се загреа за обврските со Македонија (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми ја најави победата на Динамо Загреб, деветта во десеттиот сезонски меч, а се загреа за пресметките на Македонија во завршницата од Лигата на нациите во следниве осум дена, прво со Грузија во петок во Тбилиси, па со Бугарија во Скопје идниот понеделник.

Адеми после шест минути со убав гол од 15-на метри на Динамо му донесе победа и за него ова е веќе четврти гол сезонава во дресот на „модрите“, втор во ХНЛ, а има и два во квалификациите за ЛШ против чаирски Шкупи. Адеми има уште и две асистенции, по една во ХНЛ и ЛШ, а сезонава веќе надмина 350 настапи за Динамо и прослави сто европски мечеви за хрватскиот великан.

Победата на Динамо ја обезбеди Бруно Петковиќ, само 95 секунди откако влезе во игра на стартот од вториот дел, откако Куленовиќ во 13-та претходно израмни.

Динамо по десет кола е убедлив со 28 бода, дури 11 повеќе со меч повеќе од Хајдук и од Славен Белупо.