Адеми повеќе не размислува за заминување од Динамо!

Македонскиот репрезентативец и капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми, кој е најтрофејниот фудбалер во историјата на „модрите“ повеќе нема планови за заминување од „Максимир“, најавуваат хрватските медиуми во пресрет на новиот летен преоден рок на Стариот континент, откако ќе заврши актуелната сезона.

Адеми во Динамо е веќе 12 години и за „модрите“ е икона на клубот, лидер и капитен, кој во изминатиов период неколкупати имаше шанса да замине во странство, но реши да остане и да му се оддолжи на својот клуб за поддршката во најтешкиот период после позитивниот допинг-тест и двегодишната суспензија (2015-2017).

И сега, откако Адеми веќе влезе во четвртата деценија од животот, сите планови му се врзани само за Динамо. Во зимата 2020 година, пред да избие корона-пандемијата, Адеми со една нога беше во Саудиска Арабија, требаше да добие многу пари, безмалку сѐ беше договорено, но во последен момент тој се предомисли и остана во Загреб.

„Аријан Адеми до пред корона-кризата сакаше да се испроба во некој странски клуб во најсилните лиги и веројатно ќе си заминеше, ако не застанеше фудбалот. Но, во меѓувреме стана најомилениот фудбалер на динамовите навивачи, сега веќе свесен каква улога има во клубот и заминување од Динамо за него повеќе не е опција“, пишуваат хрватските медиуми.

Адеми во недела во својот роден Шибеник има шанса за 11-та титула со Динамо во кариерата, а негов јубилеен 20-ти трофеј во дресот на „модрите“.