Заедно имат 90 години, а ноќеска испишаа историја на Ју-Ес опен!

Легендарните американски тенисерки, сестрите Серена и Венус Вилијамс, го завршија својот настап во игра на двојки на Ју-Ес Опен уште во првото коло, откако по голема борба загубија од комбинацијата Хао-Чинг Чан (Тајван) и Маја Џоинт (Австралија) (3-6, 7-6, 6-7).

Најголемата шанса за триумф американскиот двоец ја пропушти во одлучувачкиот тај-брејк од третиот сет. Сестрите Вилијамс имаа водство од 5-0, но Чан и Џоинт успеаја да направат целосен пресврт и да го добијат тај-брејкот со 10-7. Ова беше нивен прв заеднички настап во Њујорк по 2022 година, кога исто така беа елиминирани на самиот старт од турнирот, а минатиот месец одиграа и еден подготвителен турнир во Синсинати.

Серена пред медиумите откри дека главната причина за нивното повторно обединување на теренот била нејзината деветгодишна ќерка Олимпија, која инсистирала таа повторно да заигра со „тетка ВиВи“. По четири години пауза од професионалниот тенис, Серена Вилијамс навести и можност за враќање во поединечна конкуренција.

„Сакам да им покажам на ќерките дека сè е можно. Можете да направите било што на било која возраст, сè додека работите напорно и вложувате труд и посветеност“, изјави Серена.

Со овогодишниот настап, Серена (44) и Венус (46) станаа највозрасната двојка на турнирот со комбинирана возраст од 90 години. Во текот на нивните кариери, тие имаат освоено вкупно 14 грен-слем титули во игра на двојки, а две од нив се освоени токму на Ју-Ес Опен (во 1999 и 2009 година).