Украинка се „расплака“ по поразот од Сабаленка: Секој ден играм со болка во срцето!

И покрај поразот од Арина Сабаленка во финалето на турнирот во Бризбејн, Марта Костјук ја искористи сцената за да ја потсети светската јавност на тешката реалност во нејзината татковина, Украина.

Украинската тенисерка емотивно проговори за условите во кои моментално живее нејзиното семејство и за секојдневната болка со која настапува на терените.

„Сакам да кажам неколку зборови за Украина. Играм секој ден со болка во срцето. Во моментов илјадници луѓе се без струја и топла вода, а надвор е минус 20 степени. Многу е болно секојдневно да се живее во таква реалност. Мојата сестра спие под три ќебиња затоа што дома е премногу студено. Бев длабоко трогната и среќна што оваа недела видов толку многу украински знамиња“, изјави Костјук алудирајќи на војната со Русија.

Овие зборови дојдоа по финалниот меч што траеше нешто повеќе од еден час, во кој Костјук не успеа да најде решение за играта на светската број еден. Сепак, со својата искреност и емотивен настап, украинската тенисерка ги освои симпатиите на публиката и пошироката спортска јавност.