Симона Халеп е прва полуфиналистка во Торонто

Романката Симона Халеп прва стигна до полуфиналната фаза на ВТА-турнирот во Торонто, кој се игра како пандан на машкиот Мастерс во Монтреал.

Халеп одигра тежок и изедначен меч против 11. на светот, Кори Гоф од САД, совладувајќи ја со 6-4, 7-6. Гоф влезе во ова четвр-финале со одличен скор при својот сервис, освојувајќи 72 отсто од поените, меѓутоа налета на ритернот на Халеп, па тој процент се спушти до 47.  

Романката реализираше шест од своите 11 брејк-топки, а Гоф една помалку од 12, но успеа да пружи отпор и да ја задржи неизвесноста во мечот, враќајќи се од негатива од 1-4 во вториот сет. Ова беше веќе трета победа за Халеп годинава против Гоф, по Индијан Велс и Мадрид, а вкупно води со 4-0 во меѓусебните дуели.

Во полуфиналето, најверојатно, ќе игра против уште една Американка, седмата на светот, Џесика Пегула, која е голем фаворит против Јулија Путинцева.