Сензација во Монтреал: Зверев елиминиран од 69. тенисер во светот

Германскиот тенисер Александер Зверев го заврши настапот на Мастерс турнирот во Монтреал уште во второто коло, откако по голем пресврт загуби од Холанѓанецот Талон Грикспор со 1-2 во сетови (7-6, 2-6, 4-6).

Зверев го доби првиот сет по тај-брејк и изгледаше дека сигурно чекори кон пласман во следната рунда, но Грикспор во продолжението целосно го смени текот на мечот. Холандскиот тенисер заигра многу поагресивно, го презеде ритамот на играта и со одлична партија стигна до една од најголемите победи во својата кариера.

Мечот траеше повеќе од два и пол часа, а Грикспор со сигурна игра во решавачкиот сет успеа да го скрши отпорот на првиот носител и да обезбеди место во осминафиналето. Ова е сериозен удар за Зверев во пресрет на завршните подготовки за УС Опен, додека Грикспор продолжува со одличните настапи и потврди дека може да биде незгоден ривал и за најдобрите светски тенисери.

Покрај Зверев, турнирот во Монтреал остана и без неколку други фаворити. Данил Медведев беше елиминиран од сонародникот на Грикспор, Ботик ван де Зандсхулп, додека натпреварувањето предвреме го заврши и Тејлор Фриц, со што турнирот уште во раната фаза остана без неколку звучни имиња.