Прва победа на Македонија во Молдавија - падна Косово!

Тениската репрезентација на Македонија денеска го играше мечот од второто коло во Третата Европска група од Дејвис купот, ја забележавме првата победа совладувајќи ја селекцијата на Косово.

По вчерашниот пораз од домаќинот Молдавија, македонските тенисери денеска се израдуваа на триумф против Косово откако Калин Ивановски и Олег Приходко ги добија двата сингл меча. 

Во првиот меч, кој беше и во прекин поради дожд во вториот сет Калин Ивановски го совлада Дони Гаши со 2-0 во сетови (75 и 64). На тој начин Ивановски ја оствари и втората победа откако вчера го донесе единствениот поен за Македонија во мечот со Молдавија.

Во вториот меч Олег Приходко беше убедлив против Јасин Јакупи и го совлада со 2-0 во сетови, притоа загуби само два гема во мечот (61 61 по сетови). 

Во мечот во двојки за македонскиот тим се пријавени Ивановски и Приходко, додека за Косово на теренот треба да се појават Гранит Бајралиу и Салидин Рама. Сепак селекторот Горан Шевченко може да направи и промени во тимот за овој меч.

Во вториот меч од групата Молдавија води против Грузија со 2-0 со што го обезбеди и првото место во групата и промоција во Втората Светска група бидејќи утре ќе игра против аутсајдерот Косово.

Македонија утре ќе игра против Грузија, директен дуел за второто место во групата.