Поспишил го препоти Ѓоковиќ, ама Србинот обезбеди полуфинале во Тел Авив

Српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ добро се испоти за да обезбеди полуфинале на АТП-турнирот во Тел Авив, иако во два сета успеа да го победи Канаѓанецот Васек Поспишил со 7-6, 6-3.

Ѓоковиќ ја продолжи традицијата да не загуби сет во пресметката со Канаѓанецот, но за разлика од минатото кога се среќавале, овојпат многу потешко од очекувањата дојде до победата. Во првиот сет му требаше тај-брејк за да поведе во мечот во кој и Србинот и Канаѓанецот беа сигурни на своите шест сервиси, но пресуди искуството на Ѓоковиќ, кој имаше 5-1, но загуби четири поени во серија, за потоа да возврати за конечните 7-5.

Во вториот сет сите чекаа лесна победа, зашто со еден освоен брејк Ѓоковиќ дојде до 3-0 и застана, па Поспишил успеа да се врати во мечот и да израмни, но Србинот потоа се разбуди, во осмиот гем направи брејк и стигна до победата.

За финале, Ѓоковиќ во Тел Авив ќе игра против рускиот тенисер Роман Сафиулин, 108. на АТП, додека другото полуфинале е пресметката помеѓу Марин Чилиќ и Костан Лестиен.