„Одлична вест за тенисот е тоа што Ѓоковиќ доаѓа во Австралија“

Легендарниот австралиски тенисер Тод Вудбриџ е воодушевен од вестите дека Новак Ѓоковиќ ќе учествува на АТП-купот, а тоа најверојатно значи дека ќе заигра и на Австралијан опен.

Организаторите на турнирот соопштија дека најдобриот тенисер во светот ќе ја предводи Србија на натпреварувањето во Сиднеј.

„Тоа е добро за тенисот, навивачите на Ѓоковиќ ќе се радуваат, како и сите љубители на тенисот во Сиднеј. Имаше избор да се пријави или не, а тој го запиша своето име“, кажа Вудбриџ.

Австралиските медиуми објавија дека Ѓоковиќ ќе добие дозвола да пристигне во Сиднеј без вакцинација, но ќе мора да добие посебна дозвола и да мине 14-дневен карантин.

АТП купот се игра од 1 јануари, а Австралијан опен е закажан за 17 јануари.