Новак Ѓоковиќ е „виновен“ за повредата на Алкараз!?
Повредата на Карлос Алкараз продолжува да предизвикува дискусии во тенискиот свет, а сега во центарот на вниманието се најде и неговиот сервис. Рене Стабс смета дека промената во начинот на кој Шпанецот го изведува овој удар можеби имала негативно влијание врз неговото тело.
Австралијката, која во текот на кариерата освои повеќе грен-слем титули во двојки, изнесе интересна теорија за причините за проблемите на актуелниот шпански тениски ас.
„Верувам дека една од причините за повредата на Карлос Алкараз е промената на сервисот со која ја започна оваа година. Карлос почна да ја движи раката надолу, како Новак Ѓоковиќ, и мислам дека тоа ново движење многу му наштети. Цената за таа промена ја плати во април“, смета Стабс.
Интересно е што и самиот Алкараз претходно зборуваше за сличноста меѓу неговиот сервис и оној на српскиот тенисер. За време на Австралија опен во јануари, кога ја освои титулата во Мелбурн, Шпанецот призна дека постојат сличности, но нагласи дека Ѓоковиќ не бил причината поради која го менувал ударот.
„Сакате да кажете дека мојот сервис многу личи на оној на Новак? Не се водев од него кога го менував овој удар, но и самиот ги гледам сличностите. Сите мора постојано да се подобруваме, а јас многу вложувам во сервисот“, изјави Алкараз, според цитатот што го пренесува Tennis365.
Целта на Шпанецот била да го подобри сервисот и да стане уште поконкурентен, особено во дуелите со најголемиот ривал Јаник Синер на брзите подлоги.
Стабс смета дека промените во сервисот би можеле да бидат поврзани и со некои од резултатите на Алкараз по неговото враќање на терените кон крајот на август. Шпанецот пропушти значителен дел од сезоната поради повреда на зглобот, а по враќањето доживеа неколку неочекувани порази. На Ју-Ес опен за првпат во кариерата загуби од Бен Шелтон, додека на мастерс-турнирот во Шангај беше елиминиран од Белгиецот Зизу Бергс уште во второто коло.