Риера удри по УЕФА: Ако не нѐ сакаат во Европа, нека ни кажат!
Шпанскиот стратег упати остри критики кон судењето, посебно поради досудениот пенал за швајцарскиот тим, по кој белградскиот клуб остана без бодови.
Црвена Звезда имаше предност од 2-1 во завршницата, но Лугано направи пресврт и ги остави гостите со празни раце. По натпреварот, Риера не го криеше разочарувањето и порача дека сака спорните ситуации да бидат детално истражени.
„Ќе се обидам да останам смирен, бидејќи му требам на мојот тим. Ако го кажам сето она што го мислам, ќе бидам суспендиран“, изјави Риера, најавувајќи дека нема да се откаже од барањето за проверка на судиските одлуки.
Шпанецот потсети и на претходната европска елиминација на Црвена Звезда, кога, според неговото мислење, клубот исто така бил оштетен со досуден пенал.
„Ќе инсистирам овие ситуации да бидат истражени. Испаднавме од Лигата на Европа поради пенал кога голманот сам падна. Сега останавме без бодови поради пенал што е скандалозен. Ако го досудиш ова, можеш да свириш и 15 пенали на еден натпревар“, порача тренерот на белградскиот клуб.
Риера отиде и чекор понатаму, директно упатувајќи порака до Европската фудбалска унија (УЕФА).
„Јас не сум Србин, но Црвена звезда е мој клуб. Посветен сум и сакам да се натпреварувам. УЕФА мора да ги истражи овие две ситуации. Ако не нѐ сакаат во Европа, нека ни го кажат тоа“, заклучи Риера.
Поразот во Лугано сигурно ќе остави горчлив вкус кај Црвена звезда, која беше на чекор до позитивен резултат, но во завршницата остана без бодови.
Сега останува да се види дали реакциите на тренерот ќе предизвикаат одговор од УЕФА и дали спорните судиски одлуки ќе бидат предмет на дополнителна анализа.\
Фото: Facebook/FK Crvena zvezda