Агентот на Нико Вилијамс конечно откри зошто пропаднал трансферот во Барса

​Трансфер-сагата околу Нико Вилијамс и Барселона повторно е во центарот на вниманието, откако неговиот агент Феликс Таинта проговори за причините поради кои пропаднал обидот шпанскиот репрезентативец да се пресели на „Камп Ноу“.

Во разговор за подкастот „Los Fulanos“, агентот откри дека контактите со Барселона биле сериозни, но дека во еден момент станало јасно оти не можат да го преземат ризикот фудбалерот да се пресели во Каталонија без доволно гаранции дека ќе може редовно да игра.

„Нико не може да биде без фудбал. Нико е болид од Формула 1 и, ако одам кај тебе, не треба јас да ги плаќам последиците од твоите проблеми“, изјави Таинта, објаснувајќи и на Барселона дека неговиот клиент мора да има услови за нормално да ја извршува својата професија.

Според агентот, преговорите се одвивале со знаење на Атлетик Билбао, кој бил редовно информиран за развојот на ситуацијата. Сепак, финансиските проблеми на Барселона и неизвесноста околу регистрацијата на играчите создале сериозни дилеми. Таинта нагласи дека не можеле да ризикуваат Нико да потпише за каталонскиот клуб, а потоа да се најде во ситуација да не може да настапува. Дополнителен фактор бил и претстојниот Мундијал, поради кој континуитетот на натпревари бил особено важен за шпанскиот репрезентативец.

„Ако немавме одредени гаранции, не можевме да ризикуваме тој да оди таму и да не игра, особено кога се приближуваше Светското првенство. Но, и без Мундијалот, тој е професионалец кој мора да ја извршува својата професија“, објасни агентот.

Тој додаде дека на Барселона јасно ѝ ставил до знаење дека проблемите на клубот не смеат да се одразат врз кариерата на неговиот клиент.

„Ако не ми дадеш сигурност дека тоа нема да влијае врз него, тогаш морам да го сменам мислењето“, порача Таинта.

Агентот откри и дека Вилијамс навистина размислувал за заминување од Атлетик Билбао, бидејќи имал амбиции да се бори за најголемите трофеи во европскиот фудбал.

„Нико имаше идеја да замине. Тој е амбициозен. Во Атлетик ги знаете ограничувањата — знаете дека нема да ја освоите Лигата на шампионите, а можеби ниту првенството“, изјави Таинта.

Сепак, кога станало јасно дека ситуацијата со Барселона не се развива според очекувањата, започнале разговорите за продолжување на соработката со Атлетик. Токму Таинта бил човекот кој му предложил на Вилијамс да ја разгледа можноста за останување во Билбао.

„Кога видовме дека ситуацијата не се вклопува и дека работите не одат како што треба, се појави друга опција. Му реков: ‘А што ако го продолжиме договорот? Сакаш ли да се обидам да го средам тоа?’ Тој се согласи и потоа одлучивме да го обновиме договорот со клубот“, откри агентот.

Место трансфер во Барселона, Вилијамс на крајот се обврза на долгорочна верност кон Атлетик Билбао, потпишувајќи договор до 2035 година.