Надал го подржа Ѓоковиќ: Треба финансиски да им помогнеме на тенисерите

Тениската сезона е во мирување уште од месец март поради глобалната пандемија од коронавирусот. Играчите кои високо котираат на ранг-листите на АТП и ВТА не треба премногу да се грижат за својот финансиски живот, за разлика од оние тенисери кои се надвор од ТОП 100.

Тие немаат богати спонзорски договори и милиони од заработка од турнирите и често едвај врзуваат месец за месец. Сега и Рафаел Надал го подржа предлогот на Новак Ѓоковиќ, дека тенисерите треба меѓусебно финансиски да си помогнат.

„Преземени се различни мерки, а една од нив е дека најдобрите 100 тенисери во светот да им помагаат на оние кои се послабо рангирани, кои имаат финансиски потешкотии и тешко се снаоѓаат со актуелната ситуација. Тоа нема да им помогне само на играчите, туку и на тенисот како спорт воопшто. Во вакви моменти мораме да размислуваме и на играчите кои се послабо рангирани од нас“, вели шпанскиот тенисер.

Оваа иницијатива на Надал и Ѓоковиќ не ја подржуваат сите тенисери од врвот, па има и такви кои се противат на идејата финансиски да ги помогнат послабо рангираните играчи.

Тениската сезона е суспендирана до 31 јули поради коринавирусот.