Надал демантира: Не знам од каде веста дека ќе играм во Монте Карло!

Откако излезе информација дека сигурно ќе настапи на Мастерсот во Монте Карло, кој означува почеток на сезоната на земјена подлога во АТП-турнеата, Рафаел Надал се огласи дека тој не кажал такво нешто.

Натпреварите во Монте Карло почнуваат на 8 април, но Надал на десет дена до турнирот не знае дали ќе учествува и затоа демантираше дека сигурно ќе настапи, како што медиумите низ Европа веќе објавија.

„Уште не можам да потврдам дека ќе бидам во Монте Карло, воопшто не ми е јасно од каде излезе таа информација. Да беше точна, јас ќе ја потврдев, но за жал не е така“, изјавил „кралот на земјените терени“, за медиумите во Шпанија.

Точно е дека тој е пријавен за учество во Монте Карло, па и во Барселона, една недела подоцна, но пријавувањето на турнири е задолжителна пракса на тенисерите и не значи дека со сигурност ќе настапат.

Таквите надежи ги подгреа видеото кое се појави од негов тренинг, на почетокот на месецов, па фановите се понадеваа дека ќе го видат првпат по Австралијан опен, каде што беше елиминиран уште во втората рунда, од Американецот Мекдоналдс.

Надал е 11-кратен освојувач на Монте Карло, но фокусот сигурно му е Ролан Гарос, па не би ризикувал да игра ако не е подготвен. Ланскиот грен-слем во Париз е последниот турнир на кој освоил пехар, така што оччигледно е дека е далеку од својата најдобра форма.