Турнирот „Вимблдон“ поради својот квалитет, но и традиција важи за неофицијално тениско првенство, кое предизвикува огромен интерес не само кај тениските вљубеници туку и кај сите без разлика од каде доаѓаат кои сакаат да бидат дел од магијата која се случува само на терените на „Ол Ингланд клубот“.

Специјално од „Вимблдон“,

САМОИЛ ПЕТРЕСКИ

Присуството во Лондон носи „обврска“ да се посети овој дел од британската престолнина, каде што уште од самиот старт се соочувате со голем шок – голема редица за чекање за влегување во делот каде што се играат натпреварите. Без никаков хаос, повеќе од 10.000 луѓе застанати еден позади друг чекаат да дојдат на ред за купување билет за влез во комплексот. Дисциплината е беспрекорна, а организаторот за да го сочува дигнитетот на турнирот на секој заинтересиран што сака да биде дел од овој спектакл му дава т.н. Прирачник за чекање, во кој се наведени сите правила.

Тоа значи дека пред портите на „Вимблдон“ нема шанси да помине македонското „само да прашам“ односно прескокнување на редот, бидејќи секој си добива бројче, кое мора да се приложи на местото каде што се купуваат билети. Прескокнувањето не е прифатливо и нема да биде толерирано, а се прифаќа само привремено излегување од редицата не подолго од 30 минути. Правилата строго се почитуваат, никој не се обидува да прескокне и со финта да дојде поблиску до влезот, без разлика на возраста, економскиот и социјалниот статус, како и на националната припадност. Пред влезот на третиот годинешен гренслем сите се еднакви.

Дневниот билет за влез во комплексот чини 27 фунти, кој овозможува следење на мечевите на терените од 3 до 18 и тоа само ако има слободни места за седење и стоење, кои претходно не се резервирани. Местото на Централниот терен чини 100 фунти, на теренот број 1 чини 90 фунти, а на вториот терен 56 фунти. Важна работа што мора да се знае дека билети на „Вимблдон“ не можат да се купат со кеш, туку само со кредитни и дебитни картички. Сето ова, заедно со здодевниот дожд, кој трет ден по ред му прави проблеми на организаторот не ги спречува тениските вљубеници од раните зори да дојдат и да си фатат место во редицата, со надеж дека ќе се најдат меѓу привилигираните на кои ќе им биде дозволен влез.

Годинешното издание на турнирот е посебно атрактивно, со оглед на обидот на Новак Ѓоковиќ да дојде до 24. гренслем титула, со што дополнително би ја зголемил предноста прд Рафаел Надал (22) и Роже Федерер (20) на вечната листа. Србинот го брка и петтиот по ред триумф во Лондон, со што би се изедначил со Швајцарецот во оваа категорија.