Медведев за Синер без „влакна на јазикот“: Ако не биде така во иднина, ќе биде чудно

„Случајот Јаник Синер“ вчера го доби конечниот епилог, Италијанецот заработи суспензија од три месеци и таквата одлука предизвика незадоволство во тенискиот свет.

Првиот светски тенисер успеа да се договори со Светската андидопинг агенција за да добие суспензија на три месеци и да може да настапи на мастерсот во Рим и Ролан Гарос.

На Италијанецот веројатно нема да му биде загрозено ниту првото место на АТП листата и би останал без него само ако Зверев или Алкараз ги освојат речиси сите турнири во текот на неговата суспензија.

Коментар за суспензијата на Синер кој привлече внимание даде и рускиот тенисер, Данил Медведев.

„Се надевам дека во иднина секој ќе може да разговара со ВАДА и ако тие кажат: Ви го најдовме „ова“, ќе добиете две години суспензија, вие одговорите, не скаам еден месец и ќе добиете еден месец. Во спротивно ќе биде чудно“, искоментира Медведев.

Ќе потсетиме, Синер двапати во март беше позитивен на допинг тест, но интернационалната агенција за тениски интегритет го ослободи од обвинението. На таа одлука пред судот се жалеше токму ВАДА која на крајот сепак не пресуди како што посакуваше најголемиот дел од тенискиот свет.