Грчкиот тенисер „одлепи“: Можеби во минатиот живот сум бил Питагора или Сократ!

Гркот Стефанос Циципас во моментов е шести тенисер на светот, поради што е и тоа како интересен за медиумите, првенствено поради „мртвиот“ период како последица на пандемијата со коронавирусот, но и поради интересните изјави кои редовно им ги дава на новинарите.

Една од последните „големи мисли“ во негов стил, беше кажана во интервју за „Зад рекетот“, во кое говорејќи колку е горд на својата земја и своето потекло, објасни дека се труди да биде поинаков од другите.

„Дури во 2018 година, кога се пробив меѓу најдобрите 15 тенисери во светот, сфатив колку всушност е голем мојот потенцијал. На почетокот патував само со татко ми, а сега со целото семејство за кое јас заработувам повеќе од доволно. Понекогаш луѓето не ги разбираат моите објави на социјалните мрежи. Тоа што го пишувам ја изразува мојата креативност. Се трудам да бидам поинаков, зашто Стефанос е филозоф, кој доаѓа од земја која има богата филозофска традиција. Кој знае, можеби во минатиот живот сум бил Питагора или Сократ“, изјави меѓу другото Циципас.

Гркот потенцира дека тенисот е интровертен спорт и дека тенисерите всушност немаат многу пријатели, поради што многумина се претежно сами и осамени.