Ѓорческа по два часа тешка борба до четвртфинале на фјучерсот во Рим!

Најдобрата македонска тенисерка во моментов, Лина Ѓорческа, обезбеди пласман во четврт-финалето на фјучерс-турнирот во Рим што се игра за награден фонд од 60.000 долари, откако денеска ја совлада Жибек Куламбајева (Казахстан) со 4-6, 6-2, 6-3 по сетови.

Двете тенисерки имаа проблеми со освојување гемови на свој сервис, па така од 27 гема имаше дури 16 брејка (9 за Ѓорческа и 7 за Куламбајева), во меч кој траеше нешто повеќе од два часа.

Првиот сет почна добро за Лина, која поведе со 2-0, но брзо ја изгуби предноста бидејќи противничката имаше серија од четири гема. Ѓорческа изедначи на 4-4, но тенисерката од Казахстан ги освои следните два гема и го доби сетот со 6-4. И во вториот сет резултатот беше 2-2 во гемови, но потоа следуваше серија од четири гема за Ѓорческа која го доби сетот со 6:2 и изедначи на 1-1. Решавачкиот сет почна со водство на Куламбајева од 1-0 со брејк, но македонската тенисерка не дозволи противничката да се „одлепи“ и по 3-3 направи серија од три гема и го доби сетот со 6-3 и со тоа и мечот со 2:1 во сетови.

Македонката утре за пласман меѓу ќетирите најдобри ќе игра со победничката од мечот Далила Спитери (Италија) и Сеоне Мендез (Австралија).