Ѓорческа експресно во четвртфиналето во Оточец

Лина Ѓорческа помина еден час и 20 минути на вториот терен во Оточец, за да ја совлада Романката Лавинија Танасие и да се пласира во четвртфиналето.

Македонската тенисерка славеше со 6-2, 6-2, против опонентката која е квалификантка на овој турнир од класата W40 (награден фонд од 40.000 долари) и е рангирана на 671. место на ВТА-листата.

Ако досега требаше да го брани статусот на седма носителка, во следниот меч, многу е веројатно дека ќе предизвикува и тоа првата носителка, Ирина Марија Бара, моментно 192. на светската ранг-листа, а исто така од Романија.

Со краткиот меч против Танасие, Ѓорческа ги зачува силите, бидејќи денеска има уште една обврска, во двојки. Со партнерката Деа Херџелаш од БиХ играат за пласман во полуфиналето, исто така против Романки, Кристина Дину и Илиника Амарјеи.