Ѓоковиќ: Ужасно се чувствувам – ужасно!

Најдобриот светски тенисер остана без шанса за златен медал на тенискиот олимписки турнир во Токио, откако прво загуби од Александар Зверев во сингл, а потоа и во мешани двојки, па посочи дека во моментов – ужасно се чувствува

„Се чувствувам ужасно – ужасно!“, рече Ѓоковиќ по двете загубени полуфиналиња во еден ден.

„Се надевам утре на свеж почеток, се надевам дека ќе се рекуперирам и дека ќе може барем да донесам еден медал за Србија“, посочи тој.

Српската ѕвезда загуби од Зверев иако го имаше Германецот во рака, по првиот сет убедливи 6-1, потоа брејк за 3-2 и сервис за да ја заврши работата, ама...

„Таков е спортот. Александар играше подобро и морам да му честитам и да му одадам признание за пресвртот. Сервираше екстремно добро, а не добив шанса на неговиот втор сервис. Мојот сервис драстично опадна откако поведов со 3-2 во вториот сет. Не добивав лесни поени, практично цела игра ми се распадна. Мислам дека Зверев освои осум гема во низа. Едноставно застанав, му дадов шанса да нападне, слаб процент на прв сервис... На ова ниво, со таков притисок за настап да ѝ донесам на мојата земја медал... Не дојдов свеж, исцрпен сум, ама дојдов мотивиран со голема желба“, додаде Ѓоковиќ.