„Ѓоковиќ пропушти повеќе Гренд слемови зашто не беше вакциниран, отколку Синер поради допинг“

Одлуката за суспензијата на Јаник Синер се уште е главна тема во тенискиот свет и главно предизвикува негативни реакции кај вљубениците и инволвираните во овој спорт.

Општо владее неверување од одлуката за тримесечна суспензија бидејќи со тоа италијанскиот тенисер практично нема да пропушти ниеден Грен слем, а казната ќе ја „одлежи“ со неколку отсуства од Мастерсите и ќе загуби 2.100 бода и постои голема веројатност и по враќањето да биде на првото место на АТП листата. На Твитер се води жестока дебата околу исправноста на оваа одлука и сите ја споредуваат со случајот со Новак Ѓоковиќ од периодот со корона пандемијата.

„Во суштина, Новак беше принуден да пропушти повеќе Гренд слем турнири поради тоа што не беше вакциниран, отколку Синер затоа што е позитивен на допинг. Во каков расипан свет живееме“, напиша еден тениски љубител на Твитер, а друг се надоврза:

„Ѓоковиќ поради тоа што не беше вакциниран: два пропуштени Гренд слема, тргнат од првото место, прикажан како злосторник. Синер затоа што е позитивен на стероид: нула пропуштени Грен слема, славен како лидер на АТП листата, прикажан како жртва“.

Како и да е, оваа одлука е конечна и Синер утре ќе ја почне 37. недела како првопласиран на АТП листата со што ќе го помине Карлос Алкараз, а има сигурни најмалку уште десетина недели на чело. Ќе се врати на Мастерсот во Рим и ќе ја одигра цела сезона на земја на која не брани многу бодови и може да се врати или зацврсти на чело на АТП листата.