Ѓоковиќ пред голема дилема: Да изгуби 1.200 бода или да ги ризикува Олимписките игри

Не постои добар момент за повреда, но за Новак Ѓоковиќ таа дојде во најлошиот што можеше.

Очигледно е дека српскиот ас оваа сезона немаше превисоки амбиции, но единствената желба му беше да настапи на Олимписките игри и да го брка единствениот трофеј кој му недостасува во кариерата. На шест недели пред почетокот на најголемата спортска манифестација, многу дилеми лебдат во воздухот околу судбината на довчерашниот прв светски рекет.

Пред Олимписките игри, ќе се одржи третиот Гренд слем во сезоната - Вимблдон, турнирот почнува на 1 јули, а во овој момент неизвесно е дали на него ќе настапи Ѓоковиќ. Деновиве тој е во Белград каде се обидува да ја одржи формата по операцијата на коленото и пред него е голема дилема - дали да настапи на Вимблдон и да ризикува влошување на состојбата или да загуби 1.200 бода и многу веројатно да падне на петтата позиција на АТП листата. Двете работи си носат свој ризик кога станува збор за големата желба на Ѓоковиќ да го брка олимпиското злато.

Прво, прашање е дали неговото колено ќе биде во оптимална состојба до 1 јули, а ако биде, дали вреди да се игра на Вимблдон бидејќи Ѓоковиќ сигурно нема да ја достигне посакуваната форма и прашање е дали ќе има време да тренира на трева. Ако не игра, ќе изгуби 1.200 бода кои ги брани од минатата сезона на Вимблдон и ќе им даде шанса на Зверев и Медведев да го престинат на АТП листата. Во таков случај, би имал тешка ждрепка на Олимписките игри кои, патем, ќе се играат на истите терени каде што се повреди. На патот до посакуваното злато, Ѓоковиќ би можел да се сретне со тројца тенисери од топ-4, Медведев или Зверев во четвртфиналето и Синер и Алкараз во полуфиналето и финалето, под услов да нема изненадувања претходно.

Сепак, знаејќи каков спортист е, Ѓоковиќ нема без борба да се откаже од што било. Прашање е само што е попрактично во моментов.