Ѓоковиќ откри: Со Федерер и Надал имаме „таен“ канал за комуниција!

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во пресрет на „Лејвер купот“, кој утре почнува во Лондон и кој ќе биде последна професионална обврска во кариерата на Роџер Федерер, откри дека заедно со Швајцарецот и со Рафаел Надал има заедничка група на апликацијата „Вотсап“.

Преку групата, тие комуницираат меѓусебно и го одржуваат пријателството, на задоволство пред се на популарниот Ноле.

„Сјајно е што сега имаме можност да поминеме квалитетно време и надвор од терените и од виртуелниот простор во нашата група на Вотсап. Имавме тимски вечери, разговаравме за тенисот, спортот, животот...Вакво нешто обично немаме за време на натпреварувачките турнири, каде што сме следени од нашите тимови, семејства. Затоа сето ова е уникатно“, изјави Ѓоковиќ за „Еуроспорт“.

Годинешното издание на „Лејвер купот“ е петто во историјата и во него традиционално силите ги одмеруваат репрезентацијата на Европа и на останатиот дел од светот. Федерер ќе настапи утре само во играта на двојки, по што и официјално ќе стави крај на својата извонредна кариера.