Ѓоковиќ експресно го реши Федерер и ќе се бори за трофејот на Австралијан опен

Навивачите на Австралијан опен во полуфиналето имаа можност да уживаат во битка меѓу едни од најдобрите тенисери во историјата, а на крајот поуспешен беше Новак Ѓоковиќ со 3-0 во сетови, односно 7-6, 6-4 и 6-3.

Федерер имаше одличен почеток на мечот, откако направи брејк на сервисот на Ѓоковиќ за 2-0, по што Србинот врати во следниот гем со иста мера и намали на 1-2, но Швајцарецот повторно направи брејк и поведе со 3-1. Набрзо водството изнесуваше 5-2 за Федерер и многумина помислија дека ќе го освои првиот сет, но тогаш српскиот тенисер успеа да направи нов брејк и да израмни на 6-6, по што во тај-брејк беше подобар со 7-1.

Во вториот сет Швајцарецот полека го губеше здивот, па Србинот најпрво испушти две брејк топки во вториот гем, но затоа во десетиот успеа да направи брејк и да го добие сетот со 6-4.

Србинот играше моќно и во третиот сет од дуелот, па до првиот брејк стигна во шестиот гем, кога поведе со 4-2, по што Швајцарецот повеќе немаше шанси да се врати во дуелот и Ѓоковиќ го освои сетот со 6-3.