Ѓоковиќ емотивно по отказот: Ви се извинувам на сите што нема да играм!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ и официјално го откажа настапот на мастерс турнирот во Париз, кој ќе се одржи од 28 октомври до 3 ноември, што беше очекувано сценарио со оглед на неговите изјави на неодамнешниот егзибициски турнир во Ријад.

Србинот во Саудиска Арабија го освои третото место со победата против Рафаел Надал, за кого тоа најверојатно беше последен меч во поединечна конкуренција во пребогатата кариера.

„Им се извинувам на сите што се надеваа дека ќе ме видат оваа година во Париз, но за жал нема да настапам. Имам многу убави спомени од овој турнир, особено седумте победи, но се надевам дека ќе дојдам следната година“, изјави популарниот Ноле, кој во моментов е четвртопласиран на АТП-листата.

Ѓоковиќ со ваквата одлука свесно ризикува воопшто да не квалификува за финалето на АТП во Торино, каде што ќе се натпреваруваат осумте најдобри светски играчи. Моментално е на шестото место на тоа рангирање, зад Јаник Синер, Карлос Алкараз, Александар Зверев, Данил Медвједев и Тејлор Фриц, додека одзади го притискаат Каспер Руд, Андреј Рубљов и Алекс де Минаур.

Тоа што сигурно се знае за распоредот на Ѓоковиќ до крајот на 2024 година е егзибициски меч против Хуан Мартин дел Потро во Буенос Аирес на 1 декември, на официјалното збогување од тенисот на аргентинскиот тенисер.