Ѓоковиќ брутално искрен по шокот во Рим: Ова е новата реалност за мене!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, вчера беше елиминиран уште во второто коло на мастерсот во Рим, откако загуби од 20-годишниот хрватски тенисер Дино Прижмиќ, но повеќе од самиот пораз внимание привлече искрената изјава на српскиот ас по натпреварот.

Тој призна дека сè почесто се соочува со физички проблеми и дека тоа станува дел од неговата секојдневна реалност во доцната фаза од кариерата.

„Не можам да се сетам кога последен пат во последните неколку години сум имал подготовки без некаков физички проблем или здравствени тегоби пред турнир. Секогаш има нешто. Тоа е некоја нова реалност со која морам да се носам“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер не сакаше детално да зборува за конкретните проблеми што ги имал во Рим, но призна дека ситуацијата е фрустрирачка.

„Да, фрустрирачки е. Во исто време, моја одлука е и понатаму да настапувам во ваква состојба и под вакви околности. Така е како што е“, додаде тој.

Иако го доби првиот сет и делуваше сигурно на теренот, Ѓоковиќ во продолжението падна во ритамот, што Прижмиќ го искористи за голем пресврт и една од најзначајните победи во кариерата. Србинот со овој пораз ќе го дочека Ролан Гарос како четврти носител, што може да му донесе многу потежок пат и дуел со Јаник Синер многу порано од очекуваното.

ФОТО: X / @TheTennisLetter