Вимблдон: Федерер преку Надал за големо финале против Ѓоковиќ

Најтрофејниот тенисер на денешницата, Швајцарецот Роже Федерер, се пласираше во финалето на грен слем турнирот Вимблдон, откако славеше во тениското „Ел Класико“ против Рафаел Надал со 7:6, 1:6, 6:3, 6:4.

Федерер во речиси секој сегмент од играта беше подобар од Шпанецот и на крајот сосема заслужено го трасираше патот кон финалето во кое ќе ги одмери силите против Србинот Новак Ѓоковиќ, кој претходно славеше против Роберто Баутиста Агут со 6:2, 4:6, 6:3, 6:2.

Ова беше нивни јубилеен 40. меѓусебен меч, во кој Швајцарецот дојде до 16-та победа, за разлика од 24-те на Надал. Нивното ривалство датира уште од 2004 година кога го одиграа првиот дуел на мастерсот во Мајами, каде славеше Надал со 6:3, 6:3.

Федерер во недела ќе се обиде да дојде до деветтата титула на турнирот во Лондон, додека за Ѓоковиќ тоа би била петта круна.