Федерер „ни крив, ни должен“ си се врати на чело на АТП-листата!

Иако нема одиграно меч од 24 март, Роџер Федерер се врати на врвот на АТП-листата, по денешното обновување, откако синоќа беше комлетиран мастерсот во Мадрид.

Федерер лани не играше во Мадрид, па затоа не загуби поени, за разлика од Рафаел Надал кој ја освои титулата пред 12 месеци, па сега, со елиминацијата во полуфиналето загуби 820 бода и падна на второто место, зад Швајцарецот.

Победникот во Мадрид, Александар Зверев остана трет, а нема промени ниту кај Димитров, Чилиќ и Дел Потро до шестата позиција. Човекот кој го совлада Надал, но загуби во финалето, Доминик Тим, падна на осмото место, а седми е Кевин Андерсон.

Кај дамите и понатаму води Симона Халеп, пред Вознијацки и Мугуруса, а промена има на дното на топ-5. Каролина Плишкова е петта, а Јелена Остапенко шеста.