Федерер ептен штуро му честиташе на Ѓоковиќ, Надал, пак, сѐ уште – молчи!

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со вчерашниот триумф во финалето на „Австралија опен“ дојде до 22. гренслем-титула во кариерата, со што одново се изедначи на вечната листа со Рафал Надал, додека зад нив е Роже Федерер со два пехари помалку во однос на двајцата.

Швајцарецот доцна синоќа собра сили и преку социјалните мрежи му честиташе на популарниот Ноле на големиот успех во Мелбурн.

„Повторно неверојатен успех. Голема честитка!“, напиша дури пет зборови Федерер.

Ова е драстично поскромно во однос на „љубовното писмо“ кое швајцарската легенда му го испрати на Надал кога тој дојде до својот 22. триумф на гренслем-турнирите, во кое во десетина реченици го нарекуваше „мојот голем пријател“.

Зачудува што Шпанецот сѐ уште нема кажано ниту еден збор во контекст на вчерашната победа на Ѓоковиќ, со која повторно му направи притисок на врвот на вечната листа освојувачи на трофеи.