Емоции во Монтреал: Публиката со овации ја испрати најубавата тенисерка (ВИДЕО)

Беше емотивно денеска во Монтреал на Роџерс купот каде што во женска конкуренција последниот натпревар во кариерата го одигра, Ежени Бушар, тенисерката која важеше за најубава во светот.

Финалистката на Вимблдон од 2014 година одлучи да се повлече од тенисот на 31 година. Во својот последен меч денеска беше поразена од Швајцарката Белинда Бенчиќ со 6-2, 3-6 и 6-4.

Во својата кариера на ВТА листата најдалеку стигна до петтата позиција и ќе се памети како една од најдобрите канадски тенисерки во историјата.

„Благодарност до моето семејство за се што жртвуваа за мене. Сакам да знаете дека кога оваа публика навива за мене, тие навиваат и за вас. Не би била тука без сите вас“, порача Бушар на емотивното збогување.

Низ кариерата во тенисот, Бушар заработи седум милиони долари, а во иднина ќе остане активна во спортот со професионалното играње пикбол.


Фото: geniebouchard/Instagram