Алкараз потешко од очекувањата до второто коло во Барселона

Вториот светски рекет Карлос Алкараз ја продолжи победничката серија почната минатата недела во Монте Карло откако денеска го победи Итан Квин од САД со 2-0 (6-2, 7-6) во првото коло од турнирот во Барселона.

Иако на прв поглед дека лесно излегол на крај со својот не многу познат ривал, Шпанецот мораше на теренот да помине 108 минути, а особено имаше проблеми во вториот сет кој траеше повеќе од еден час. Во него загуби дури три гема на свој сервис, вклучувајќи го и оној кога сервираше заа сет и меч, при водство од 6-5.

Нешто слично беше во тај-брејкот во тој сет, имајќи предвид дека дури 11 од вкупно 14 поени, тенисерите освоија на сервис на противникот. Квин водеше со 6-5 и имаше сервис за израмнување на 1-1, но ги загуби двата поена и Алкараз потоа стави точка на чудниот меч.

Во второто коло тој ќе се сретне со српскиот тенисер Ласло Ѓере кој денеска беше подобар од Риндеркнех од Франција со 2-1.