„Алкараз и Синер би го растуриле Надал во негова најдобра форма на Ролан Гарос!“

Легендарниот американски тенисер, Џон Мекинро, предизвика бурни реакции со контроверзна изјава по финалето на Ролан Гарос, во кое Карлос Алкараз го совлада Јаник Синер.

Тој потенцира дека младите ѕвезди на светскиот тенис, со играта што ја покажаа во финалето, би биле фаворити дури и против Рафаел Надал во неговите најдобри денови на гренслемот во Париз.

„Знам дека звучи лудо, но верувам дека Карлос и Јаник, со играта што ја прикажаа, би го победиле и Надал во неговиот ’прајм’ на Ролан Гарос,“ изјави Мекинро.

Шпанецот Алкараз дојде до трофејот по неверојатен пресврт – успеа да спаси три меч-топки и победи со 3-2 во сетови, во финале полно со драма и тенис на највисоко ниво, во кое неговиот противник ги освои првите два сета. Мекинро е свесен за тежината на својата изјава, особено имајќи предвид дека Надал има 14 титули на Ролан Гарос, а заедно со Федерер и Ѓоковиќ го сочинуваат она што многумина го сметаат за најголема ера во историјата на тенисот.

„Да, свесен сум дека зборувам за играч кој 14 пати триумфирал тука, за време на златната ера на тенисот. Но она што го гледавме од Синер и Алкараз беше неверојатно,“ додаде Американецот.

Сепак, според Мекинро, иако талентирани, малку е веројатно дека Алкараз и Синер ќе ги достигнат рекордите на „големата тројка“.

„Не мислам дека ќе освојат 20, 22 или 24 грен слем титули. Тоа е речиси невозможно. Многу работи мора да се поклопат. Тоа е како кога велите дека некој ќе биде подобар од Мајкл Џордан“, заклучи поранешниот светски рекет број еден.

За Алкараз ова беше петти гренслем-трофеј во кариерата, без загубено финале и тоа на буквално иста возраст до ден како кога Надал дојде до петтиот пехар на најголемите турнири.

ФОТО: EPA PHOTO