Шифрин со четврта победа по ред во Килингтон

Микаела Шифрин денеска славеше на слаломската трка во Светскиот скијачки куп што се одржа во Килинготн, САД. За Американката ова беше четврти триумф по ред пред домашната публика во овој ски-центар.

Шифрин дојде до убедлива победа, откако во двете трки оствари вкупно време од 1:50,45 минути, што беше 2,29 секунди побрзо од второпласираната Петра Влхова од Словачка. На подиумот се искачи и Швеѓанката Ана Свен Ларсон.

Одличната 24-годишна скијачка денеска испиша и нова историја со тоа што се израмни на четвртото место со најмногу победи во Светскиот скијачки куп во машка и женска конкуренција. За Шифрин ова беше вкупно 62.победа во Светскиот куп и се израмни со австриската легенда Анемари Мозер-Прел.

Повеќе победи од Шифрин имаат само Ингемар Стенмарк (86), Линдзи Вон (82) и Марсел Хиршер (67).

Во вкупниот поредок кај скијачките по три трки очекувано води Шифрин со 340 бодови, пред Мишел Гисан (148) и Петра Влхова (138).