Реваншизам или...: Маленко на десет клуба им забранил да пливаат било каде во светот
Ова се случило кон крајот на минатиот месец, а во пресрет на пливачкиот митинг во Зрењанин, каде што учесниците освен за медали се бореа и за пласман на Европско првенство во мали базени. Ова е трет пат како некогашната македонска пливачка ведета прави опструкции на пливачи од клубовите кои се против него во своевидната војна за превласт со Националната пливачка федерација (ПФМ), чиј претседател е Александар Филипчев, која е признаена од државата и која уредно е регистрирана во Централниот регистер.
Претходно, Маленко вакви писма во кои бара забрана за учество на пливачи од Македонија има испратено и во Бугарија и на Кипар, каде што успешно им направи проблем на дечиња кои само сакаа да се натпреваруваат со своите врсници. Во Зрењанин тоа делумно му успеа, бидејќи таму настапија членови на ПВК Орион, но проблемот е во тоа што нивните резултати не се признати од страна на ФИНА и на ЛЕН само поради писмото на првиот човек на таканаречената ПФСМ.
Ваквиот башибозук во македонското пливање трае веќе подолг период, со една федерација призната надвор, а друга во домашни рамки. Борбата за власт е жестока, а како и секогаш, најмногу оштетени се тие што најмалку го заслужуваат тоа – спортистите односно во овој случај пливачите.