Од АМС награден фонд, од град Охрид организација - маратонот со 20-на учесници во септември!

Охридскиот маратон би требало да се одржи на 10 или 11 септември, а ќе го организира општина Охрид со финансиска подрршка и од Агенцијата за млади и спорт (АМС), која ќе го финансира наградниот фонд од 10.000 евра и на маратонот ќе учествуваат 20-на пливачи, објавија денеска градоначалникот Кирил Пецаков и директорот на АМС,  Наумче Мојсовски на заедничка прес-конференција.

Охридскиот маратон поради блокираната сметка на Националната пливачка федерација (НПФ) не можеше да го организира традиционалниот Охридски маратон, кој е под покровителство на Претседателот на Македонија, па после големата бура во јавноста, општина Охрид и АМС сега се заангажираа за да не се прекине една голема шестдецениска традиција.

„Маратон ќе има и радосен сум што иако се исправија многу пречки пред нас, успеавме сите да ги надминеме. После вчерашниот координативен состанок заклучок беше да најдеме начин како да го организираме, а после состанокот со директорот на АМС донесени се следните заклучоци: АМС ќе го покрие наградниот фонд од 10.000 евра, сите останати трошоци со организацијата ќе ги покрие град Охрид и Советот ќе донесе одлука за издвојување на два милиони денари од буџетот за оваа намена. Бидејќи сметката на НПФ е блокирана, парите ќе ги префрлиме на охридски клуб кој ќе биде вклучен во организацијата“, рече градоначалникот Кирил Пецаков.

Тој посочи дека има позитивни реакции кај пливачите и дека на Охридскиот маратон ќе се појават 20-на.

„Се договоривме пливачката федерација да ги извести пливачите под кои услови ќе пливаат, сите услови од доаѓањето до наградниот фонд. И добивме позитивни реакции, бројката точно не е позната, но веројатно ќе бидат 20-на пливачи. Но, најмногу од сѐ ме направи среќен што многу бизнисмени од Охрид и од други места се јавија финансиски да помогнат“, додаде Пецаков.

Мојсовски, пак, посочи дека терминот е 10 или 11 септември, поради тоа што пливачите сега се на други натпреварувања. Охридскиот маратон не е во календарот на ФИНА, зашто повеќе не се пливаат 25 километарски маратони, туку олимписки од по 10 километри. Тој најави дека АМС и Владата од идната година ќе ја преземат организацијата на маратонот.

„Проблемите кои се настанати не се од сега, туку од поодамна и се директно и исклучиво само на пливачката федерација која треба да биде носител на организацијата на манифестација како што е Охридскиот маратон. Тој оваа година би требало да се одржи на 10 или 11 септември поради тоа што сите пливачи во моментов се на други натпреварувања“, рече Мојсовски.