„Кривични за Турпурковски и 'пајташите' ако Маленко гласа на Собранието на МОК!“

Претседателот на Националната пливачка федерација (НПФ), Александар Филипчев, најави поднесување кривични пријави за сѐ уште актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски и неговите најблиски соработници, ако дозволат на утрешното Изборно Собрание да учествува и претставникот на, како што вели, непостоечката Пливачка федерација на С. Македонија (ПФСМ), Александар Маленко.

Ова беше кажано на денешната прес-конференција на НПФ, а во пресрет на утрешната битка за местото прв човек на македонскиот олимпизам за што во игра се Даниел Димевски, некогашен прв човек на КФМ и Александра Војнеска-Зикова, предводничка на атлетиката во државата.

„Доколку на претстојното Изборно собрание од страна на МОК не биде дозволено учество на претставник на НПФ, туку се дозволи учество на таканаречената и правно непостоечка и измислена ПФСМ (со самонаречен претседател Александар Маленко), кој е нерегистриран субјект во Централниот регистар, тогаш ќе поднесеме кривични пријави против: претседателот на МОК, Васил Тупурковски и генералниот секретар, Сашо Поповски, како и против членовите на верификационата комисија на изборното собрание на МОК, записничарот и оверувачите на записникот од собранието закажано за 28.10.2020 година“, изјави Филипчев.

Тој уште еднаш потенцира дека Маленко лажно се претставува претседател на непостоечката ПФСМ.

„Собранието на МОК претходно писмено и со приложени дикументи од Централниот регистар од нас беше известени дека ПФСМ на Маленко не е регистрирана во Централниот регистар, дека не постои и дека е измама. На минатото Собрание на МОК, што се одржа на 21.12.2019 година, раководството дозволи учество на федерација што никаде не постои во институциите на државата, за што ние против членовите на верификациона комисија, против оверувачите на записникот и против лажно претставениот делегат на непостоечката федерација, кој со својот потпис го потврдил учетсвото на тоа собрание Владимир Пејковски, веќе испративме кривични пријави“, додаде Филипчев.

Претседателот на НПФ истовремено го повика Јавното обвинителство да утврди дали МОК во изминатите година дена финансирал проекти и исплаќал средства на т.н. ПФСМ. Исто така, беа презентирани документи од Централен регистар, каде што се гледа дека Маленко, кој беше претседател на Пливачката федерација на Македониј,а е разрешен и на негово место е избран Александар Филипчев, а на истото собрание, Пливачката Федерација на Македонија е преименувана во Национална Пливачка федерација.