Федерацијата на Маленко го откажа годинешниот Охридски маратон!

Традиционалниот Охридски маратон во пливање оваа година е откажан и за прв пат нема да се одржи по пауза од 28 години.

Една од најстарите и најдолгите спортски манифестации во државата нема да се одржи поради пандемијата предизвикана од коронаворусот, соопштија од федерацијата. Тоа требаше да биде вкуно 34-то издание на Охридскиот маратон, но од ПФСМ велат дека догодина сигурно ќе се одржи и веќе го објавија датумот.

„Пливачка федерација на Северна Македонија (ПФСМ), како активен член на Светска пливачка федерација (ФИНА) и единствена надлежна за пливање и далечинско пливање во нашата Држава, Ви соопштува дека овогодинешните официјални интернационални пливачки маратони од светска серија за 2020 година (Традиционален Охридски Пливачки Маратон 25 километри, и олимписка дисциплина 10 километри) НЕМА да се одржат, поради светска пандемија (Ковид-19) и едногласно откажување на целокупната ФИНА светска серија за 2020 година во светот, почитувајќи ги препораките на Светска Здравствена Организација- СЗО за превентивна медицинска и здравствена заштита на спортисти- пливачи, тренери, организатори и публика“, информираат од Пливачката федерација, притоа дополнувајќи.

„ПФСМ и ФИНА посакуваат пред се, многу здравје на сите спортисти и спортски работници, професипнална работа за што поскоро да уживаме на нови официјални пливачки натпревари. Воедно Ве информираме дека за 2021 година, ПФСМ, Охрид и нашата држава, согласно одлука од ФИНА ќе бидат домаќини покрај на овие два пливачки маратони (25 км. – 21.08.2021, и 10 км. - 28.08.2021) од ФИНА- светска серија и на повеќе реномирани официјални пливачки натпревари во пливање и далечинско пливање, со единствена цел Охрид да прерасне во еден од три светски центри за пливање и далечинско пливање“.