Трагедија пред СП: Параолимпиец се удави на тренинг, три часа не можеа да го најдат телото

Веслачкиот свет го потресе ужасна трагедија на езерото Линц Отеншајм во Австрија, каде што треба да се одржи Светското првенство во веслање, откако Дмитри Ришкевич на тренинг паднал од чамецот и се удавил.

Станува збор за Белоруски параолимпиец, кој зад себе има два настапи на Светските првенства и се надеваше на норма за ЛОИ во Токио идната година. Да е трагедијата поголема, на четири дена пред стартот на СП, Ришкевич откако се превртел, експресно дошла спасувачка служба и тој се држел за чамецот на спасувачите, но одеднаш потонал и потоа дури три часа траела потрагата за неговото тело.

Бил пронајден на длабочина од два ипол метри во исклучително матна вода и тоа со помош на нуркачи. Лекарите на лице место само констатирале смрт, но според информациите започната е сериозна истрага за трагедијата.

Нејасно е како Белорусинот потонал, зашто на чамците за параолимпијци има понтон, посебна направа која спречува потонување. Наводно се скршил делот каде е зацврстен понтонот и поради тоа Ришкевич потонал.

„Запрепастен сум од оваа трагедија. Сите сме шокирани со оваа вест“, рекол Ендрју Парсонс, претседателот на меѓународниот параолимписки одбор.