Скандал на ЛОИ: Белорусинка бара азил за да не ја депортираат во татковината!

Белоруската атлетичарка Кристина Тсиманоскаја откри голем скандал на ЛОИ во Токио и тоа поврзан со Белорусија, земја која од поодамна во светот има предзнак на диктаторска, зашто нивниот национален олимписки комитет решил да ја депортира назад, пред таа воопшто да настапи, со образложение дека има емоционални и психички проблеми.

Тсиманоскаја насила ила одведена на токискиот аеродром за да биде качена на лет и да биде вратена во татковината, но таа успеала да им избега на придружниците од олимпискиот комитет на Белорусија и на аеродромот „Ханеда“ истрчала кон полицијата барајќи заштита.

„Не сакам да се вратам во Белорусија. Мислам дека сега сум сигурна. Со полиција сум“, рекла Кристина.

Новинарката од Минск, Хана Љубакова, пак, откри дека зад депортацијата се крие сосема друга приказна, која нема врска со психичко-емоционални проблеми, туку со фактот дека атлетичарката јавно го критикувала режимот на Александар Лукашенко.

„Кристина, која јавно го критикуваше режимот на Лукашенко, насила сега ја враќаат од Токио за Белорусија. Олигледно е дека белоруските функционери ја однеле на аеродром и ова делува како киднапирање. Кога ја прашале Тсиманоскаја дали се плаши од враќање дома, таа одговорила потврдно, рекла – да!“, објавила Љубакова.

Атлетичарката посочила дека стручниот штаб ѝ дошол во соба да и каже да се спреми за пат, а потоа насила била однесена на аеродром, пред воопшто да настапи во дисциплините 200 метри и штафетата 4х400 метри во атлетика на ЛОИ. Плус, како причина навела дека од селекцијата е исфрлена поради јавни критики и кон тренерите, за неспособност и негрижа и сето тоа ја „прелило чашата“ за да ја вратат назад во Белорусија.

Сега таа на аеродромот побарала азил од јапонските власти, а таму ја донеле психологот и Василиј Јурчук, претставник на белорускиот атлетски сојуз. Задача им било да ја тргнат од ЛОИ и да ја испратат за Белорусија, ама атлетичарката им избегала и побарала помош од јапонските власти, па сега сѐ уште е на аеродром.