ШОК: Законот за спорт повлечен од Собранието, пари за спортистите ќе – НЕМА?!

Македонските спортисти и спортски клубови се соочуваат со тотален колапс, откако предлогот за новиот Закон за спорт неочекувано беше повлечен од собраниска процедура, иако неговото гласање беше на дневен ред на 138. парламентарна седница чие продолжение се случи минатата недела.

Оваа шокантна вест доаѓа точно еден месец откако беше промовиран предлогот на новиот закон, кој требаше да понуди подобар начин на распределба на десетте милиони евра, кои државата веќе неколку години наназад ги инјектира во спортот. Информацијата за повлечениот закон без никакво потенцирање е само нотирано на интернет-страницата на Собранието и покрај тоа што импликациите од не носењето на овој акт може да бидат драматично лоши.

„Предлог измените на Законот за спортот се однесуваат на обезбедување на финансиски поттикнувања по основ на директна државна помош за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво во нашата земја и остварување на подобри резултати како во домашни рамки така и на меѓународно ниво“, пишуваше во објаснувањето на промените на Законот за спорт.

Главен страв за спортистите и клубовите е фактот што Собранието треба да се распушти во среда со оглед на најавените парламентарни избори на 8 мај, што значи ако денеска и утре овој предлог-закон не биде вратен на дневен ред тогаш пари за македонскиот спорт ќе – нема. Неофицијално, повлекувањето било од техничка природа, но времето гази се пред себе и прашање е дали ќе има време за изгласување.

Ако новиот Закон за спорт не биде изгласан најдоцна до задутре, тогаш државни пари за спортистите ќе нема, бидејќи претходното решение со спортски ваучер веќе беше укинато од парламентарците и тоа уште лани во септември.