Денеска претпладне и официјално беше отворен турнирот во текбол во „Јане Сандански“, кој е втора фаза од квалификациите за Европските игри во текбол за 2023 година, а на кој учествуваат стотина натпреварувачи од повеќе од 20 држави од Европа, а е со награден фонд од 30.000 долари.

Станува збор за нова спортска игра налик на маалскиот сервис, што се игра на маса налик на таа за пинг-понг, но со мали накривувања и со правила кои се комбинација од пинг-понг, фудбал и тенис. Играчите смеат да ја удрат топката со сите делови на телото освен со дланките и рацете, се игра во два освоени сета до 12 без популарната „разлика“, а има поединечна конкуренција за мажи и жени и игра на двојки исто така за мажи и жени.

Текболот го измислиле тројца фудбалски ентузијасти од Унгарија во 2012 година и тоа поранешниот фудбалер Габор Борсани, бизнисменот Ѓорѓ Гачан и компјутерџијата Виктор Хушар. Играта стекна светска слава во 2016 година со промоцијата во Будимпешта на која учествувал и Роналдињо. Меѓународната федерација на текбол (ФИТЕК) веќе на големо работи на вклучување на текболот во Олимписките Игри.

Натпреварите во „Јане Сандански“ официјално почнаа вчера, а финалните средби ќе се одиграат в недела.