Се подготвува ли нешто матно? Одбиена кандидатурата на Војнеска-Зикова за лидер на МОК!

На само еден ден до изборното Собрание на кое ќе биде избран само вториот претседател во историјата на Македонскиот олимписки комитет (МОК), доаѓа информацијата дека членовите на Управниот одбор (УО) попладнево ја отрфлиле кандидатурата на еден од двајцата кандидати и тоа поради, во најмала рака, сомнителна причина.

Станува збор за предводничката на македонската атлетика, Александра Војнеска-Зикова, која доби поддршка од 13 членови на Собранието на МОК, но која најверојатно нема да може да му излезе на мегдан на вториот кандидат, Даниел Димевски. Причина за ваквата постапка на „одборниците“, неофицијално, е неисполнувањето на еден од бараните услови, а тоа е имањето четиригодишен стаж на раководна функција во спортска федерација.

Војнеска-Зикова е една година претседателка на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), но претходно беше четири години потпретседателка на оваа спортска организација, стаж кој, зачудувачки, членовите на УО не ѝ го зеле в предвид. Сето ова навестува жестоко Собрание на МОК, на кое приврзаниците на поранешната атлетска ведета нема така лесно да се откажат од нејзината кандидатура.

Димевски во јавноста е познат како поранешен претседател на КФМ, но и како советник на премирот Зоран Заев, период кога против него Државната комисија за антикорупција отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување како управител на правното лице „Турд Олимпик ДОО Скопје“ при што стекнал својство на закупец на СРЦ „ Кале“, а „со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил буџетот на Македонија“. против него има и поднесено барање за кривична пријава до Јавното обвинителство.