Рио де Жанеиро потроши 12,5 милијарди долари за ЛОИ, а објектите веќе се – распаѓаат!?

Четири години откако Рио де Жанеиро беше домаќин на Летните Олимписки игри во 2016 година, објектите кои беа изградени за најголемиот спортски настан на светот веќе се распаѓаат, па потрошените 12,5 милијарди долари испадна дека – залудно се потрошени.

Уште кога градот на славната Копакабана доби две големи натпреварувања, прво Мундијалот во 2014 година, а потоа и ЛОИ две години подоцна, земјата влезе во голем инфраструктурен проект, кој не наиде на поддршка од јавноста. Секојдневно граѓаните во Бразил протестираа за неразумното трошење на десетици милијарди долари за инфраструктура, предупредувајќи дека сето тоа на крај ќе биде неисплатливо, а парите наместо во образование, здравство и други сектори се расфрла за „тендерашите“ додбро да се офајдат во гигантските проекти.

И сега после четири години, објектите во Рио се распаѓаат, па судот на барање на обвинителството нареди од безбедносни причини сите тие да се затворат. Затворањето на објектите ќе биде сè до моментот додека градоначалникот на Рио не обезбеди гаранции и истите не ги достави до судот дека е безбедно одржување на какви било настани на тие „олимписки објекти“.

„На вакви објекти, каде има сериозни оштетувања поради недостаток на грижа и надзор се сериозна опасност и за да избегнеме некаква трагедија, најдобро е да бидат затворени“, објавил судијата во Рио во образложението.

Затворањето на објектите се однесува најмногу на олимпискиот парк „Бара да Тухика“ во туристичкиот кварт на Рио, каде се наоѓа и Арената Рио, тенискиот центар, велосипедската патека. Опфатен е и регионот Деодеро, на 40 километри од Копакабана, каде се одржуваа натпреварувањата во хокеј на трева, кајак и кану, коњичките спортови...