Организаторите на ЗОИ загрижени поради ракетите на Северна Кореја

Најновото лансирање на ракети од страна на Северна Кореја ги загрижи организаторите на претстојните Зимски олимиписки игри кои за десет недели ќе бидат отворени во Пјонгчанг, Јужна Кореја.

Еден од членовите на Организацискиот одбор денеска ја потврди загриженоста, со оценка дека евентуално влошување на состојбите би можело негативно да влијае врз посетеноста и учесниците на ЗОИ кои ќе се одржат од 9 до 25 февруари во Пјонгчанг.

Тој изјави дека рекорден број земји се пријавени за претстојните игри и дека се подобрува продажбата на влезници. Организаторите сепак не можат да сторат ништо повеќе доколку Северна Кореја продолжи да предизвикува непријателство со тестирањето на ракетите кое е сѐ попровокативно.

Според пишувањата на јужнокорејските медиуми, наједноставен начин да се намали загриженоста за безбедноста е да се осигура учеството на спортистите од Северна Кореја на Игрите во Пјончанг, но сѐ уште не е јасно тоа дали власта од северот ќе им го допушти тоа.