ИОК ја укина суспензијата – Русите се враќаат на Олимписките игри
Одлуката, според соопштението на ИОК, е донесена по анализа на Комисијата за правни работи. Наведената причина е дека Рускиот олимписки комитет повеќе нема меѓу своите членови регионални спортски организации од териториите под јурисдикција на Националниот олимписки комитет на Украина, а РОК исто така потврди дека не спроведува и нема да спроведува активности во овие области. ИОК нагласува дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и го задржува правото да преземе дополнителни мерки доколку смета дека е потребно.
Оваа одлука, исто така, ги поништува претходните препораки до меѓународните федерации и организаторите на натпревари, издадени во 2022 и 2023 година, кои се однесуваа на учеството на руските спортисти и тимови на меѓународни натпревари. Ова значи дека меѓународните федерации сега ќе одлучуваат за начинот на кој руските спортисти ќе се вратат, како и за прашањата за организирање натпревари во Русија, поканување руски државни функционери и користење на руското знаме, химна, бои и други симболи.
ИОК наведува дека нема да организира свои настани во Русија, ниту ќе поканува руски владини или државни функционери на своите настани. За употребата на руското знаме, химна и други симболи на Олимписките игри ќе се одлучи подоцна.
Особено се нагласуваат барањата за антидопинг. Сите руски спортисти што се враќаат на меѓународни натпревари ќе мора да ги исполнат релевантните барања, вклучително и тестирање и вклучување во програма што ќе биде делегирана на Меѓународната агенција за тестирање.
ИОК, исто така, во соопштението нагласи дека оваа одлука не значи промена на нејзиниот став за војната во Украина. Во него се наведува дека ИОК претходно ја осудил руската инвазија и дека овој став останува непроменет, како и дека продолжува да ја поддржува украинската олимписка заедница преку постојните програми за солидарност.
Одлуката доаѓа во време кога квалификациските периоди за Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 и Зимските младински олимписки игри во Доломити Валтелина 2028 се веќе почнати.