Груби и официјално се пофали дека ќе го води македонскиот спорт!

Тоа што уште во јуни се шпекулираше и го објавивме, дека Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја губи независноста и дека ќе ја проголта министерството за политички систем и односи со заедниците кое го предводи Артан Груби се обвистинува, откако актуелниот вицепремиер потврди дека наскоро ќе го води и – македонскиот спорт.

И додека безмалку секоја земја има свое министерство за спорт, кое се грижи за развојот на спортот, носи национални стратегии за развој на комплетниот спорт, Македонија и спортот кој и онака од година во година паѓа на најниски гранки оди во тотално погрешен правец, да го раководи министерство за политички систем.

Груби кој е во фокус на јавноста во последно време со обвинувања од опозицијата, ама и внатрешен отпор од незадоволни во својата партија, т.н. „огнени“, во интервју на „Топ Тема“ на телевизија Телма го потврди тоа што од јуни се шпекулира за претопувањето на АМС, откако беше запрашан за спортувањето со дел од колегите во неговиот кабинет и спортските реквизити кои ги добил од федерациите.

„Голчето ми се подарок од Фудбалската федерација на Македонија, исто така и топката. Баскетот ми е донација од Перо Антиќ од претседателот на Кошаркарската федерација. Ракометната топка е од Наумче Мојсовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт. Значи се се тоа донации од државни институции, затоа што со предлогот за реорганизација на органите на државната управа, кое што го предлага Министерството за инфоерматичко општество се предвидува Агенцијата за млади и спорт да биде дел од Министерството за политички систем, кое ќе прерасне во министерство кое ќе ги претставува интересите на сите етнички групи, на млади, спорт, на невладини итн“, рече Груби.

АМС и директорот Мојсоски неодамна се најдоа на удар на антикорупциската комисија со обвиненија за криминал околу доделувањето на спортските ваучери.