Феноменот наречен пикадо – од забава со пиво во паб до спорт во кој се вртат милијарди!

Пикадото изминативе години доживува бум и се наметнува како еден од најбрзо растечките спортови во светот, претворајќи се од игра поврзана со пабови и забава во глобален спортски феномен со огромна гледаност и комерцијален потенцијал.

Најдобар показател за експлозивниот раст е фактот што ланското финале на Светското првенство во пикадо беше најгледаното нефудбалско спортско случување во историјата на „Скај Спортс“, надминувајќи спортови со далеку подолга традиција. Турнирот, кој традиционално се одржува во Лондон во периодот пред Божиќ и оваа година го привлекува вниманието на милиони гледачи ширум светот.

Иако светскиот спорт минува низ динамични промени, најчесто поврзани со технологија или адаптација кон младата публика, малку дисциплини доживеале толку длабока трансформација како пикадото. Она што некогаш беше синоним за пиво, пабови и рекреација, денес е сериозен и профитабилен професионален спорт. Значајна улога во популарноста има и феноменот Лука Литлер, кој се издигна во спортска суперѕвезда во Англија, но интересот не се темели само на индивидуалци. Клучен фактор е и целата култура што го опкружува пикадото.

Натпреварите наликуваат на непрекината забава – трибините се претвораат во сцена за песна, навивање и шоу, а самите играчи активно учествуваат во атмосферата. Особено внимание привлекуваат сценските појавувања на натпреварувачите, кои излегуваат со внимателно избрани песни што за неколку секунди ја електризираат салата.

Секој врвен играч на пикадо настојува да биде пооригинален од претходниот, збогатувајќи ја својата кореографија, до таа мера што организаторите на тековното Сп мораа да постават временски ограничувања за настапите, со цел да не се продолжува телевизискиот пренос, кој од година во година носи сè поголеми приходи.

За разлика од снукерот – уште еден спорт со корени во бар-културата, каде доминира тишината и џентлменството – пикадото нуди целосна спротивност: гласна атмосфера, емоции, скандирања и постојана интеракција со публиката.

Според дел од аналитичарите, токму оваа уникатна атмосфера е главната причина за бумот на пикадото, при што спортскиот аспект понекогаш паѓа во втор план. Во одредени случаи, навивачите полесно се сеќаваат на песната со која играчот излегол на сцената, отколку на самиот тек на натпреварот.